Search
  • АСК Феникс АМС

Иднина која со нетрпение се очекува

„ЗА ЕДНА ДО ДВЕ СЕЗОНИ ЌЕ БИДЕМЕ НАЈКОМПАКТНАТА МАШКА ЕКИПА“ - СЕ ЗАВЕТИЈА МЛАДИТЕ ИГРАЧИ НА ФЕНИКС АМС


Од наесен, машката екипа на РК ФЕНИКС АМС со деца родени 2005 година започнува да се натпреварува во пионерска лига. По првиот одигран пријателски натпревар со ресенските врсници и лесната победа од над десет гола разлика „Фениксовите надежи “ го испорачаа својот завет. Тренерскиот тим Костовски-Пашиќ-Костовски вели: „постои голем потенцијал, а ние ја продолжуваме нашата агенда - Концепт на битолски играчи.




По пет години пауза машката екипа на РК Феникс АМС отвора нова страница во клубската хронолошка книга. Наесен ги започнуваат натпреварите во пионерската лига организирана од ракометната федерација на Македонија. Желбата на 20 млади играчи е да го продолжат златниот период на клубот од 2000-2015 година кога тука се градеше тогашниот битолски ракометен потенцијал, а круна на успехот беше натпреварувањето во 2015 година во првата ракометна лига. И покрај тешките финансиски услови едвај се заврши сезоната, сепак на солидното трето место. Настапува турбулентен период и осипување на играчкиот кадар. Честа на машкиот сектор на екипата им останува да ја бранат две полетарчиња Димитар Ристевски и Валентино Штаковски кои денес со уште неколкумина се главниот столб на екипата.


„Тогаш бев десетгодишно момче, бев збунет и неможев да сватам што се случува. Се двоумев да останам или да заминам. Така беше една цела година кога дочекав да се зачленат две нови деца. За кусо време, заеднички се впуштивме во една наша индивидуална мисија кој вроди со плод. Денеска сме 20-тина момчиња и тренираме посветено. Сега сум голем оптимист дека успешно ќе ја завршиме и второпоставената цел, нашиот тим да биде респектиран во лигата“ вели сега 15 годишниот Димитар Ристевски.


„Можеби со мојот другар Дамјан имавме среќна нога на влегување, еве денес сме една мала чета која освен на теренот другарува и надвор од него. Ме радува што како ретко кој тим делуваме по правилото „Еден за сите, сите за еден“ вели Христијан Мојсовски.


Фрлената ракавица од младите локалпатриоти е нов предизвик но и лек за многуте неправедно нанесени рани од заткулисните игри за тренерскиот тим Костовски-Пашиќ-Костовски. Ветуваат дека за година до две над Битола ќе има нова играчка ракометна бура.


„Искрено, со многу резерва и скепса влеговме на првиот за нив пријателски натпревар. Морам да признам дека на најубав начин не демантираа - вели тренерот задолжен за работа со голманите Роберто Пашиќ.


„Потенцијал има но има и уште многу работа. Поставената цел може да се исполни со максимална посветеност и без брзање. Точно знаеме по кој пат треба да се движиме и доколку се оди по планот слободно може да ме држите за дадениот збор „Тоа по две години ќе биде младински тим кој ќе нижи успеси“ - вели првиот стратег на екипата Николче Костовски.



Според програмата екипата освен во домашната лига до крајот на годината се очекува да гостува и на неколку меѓународни турнири. Костовски патем само потсети дека Феникс АМС досега е единствен клуб кој во континуитет учествува на најголемите ракометни турнири и кој во 2005 година на најголемиот меѓународен турнир „Partille Cup“ во Шведска (турнир на кој учествуваат над 25 000 учесници), тимот на Феникс АМС составен од играчи кои сега се носители на играта во повеќе клубови но и македонската ракометна репрезентација, го освои третото место во енормно голема конкуренција.


Стевче Митревски

289 views

© 2019 by ASK Feniks AMS

Ignjat Atanasovski 17 - Vero 4, lokal 3, 7000 Bitola, Macedonia

  • ASK Feniks AMS - Twitter
  • Feniks AMS-LinkedIn
  • Feniks AMS - Facebook