Search
  • АСК Феникс АМС

Од талент до ѕвезда

НЕКОГАШНИТЕ АСФАЛТНИ И ЗЕМЈЕНИ ИГРАЛИШТА СЕУШТЕ ГИ ЧУВААТ ПРИКАЗНИТЕ ЗА БИТОЛСКИТЕ СПОРТСКИ ЛЕГЕНДИ!

ШТО Е ТОА ШТО СЕГА ГО ОНЕВОЗМОЖУВА РАЗВОЈОТ НА ТАЛЕНТИТЕ, ДУРИ И ВО ПОСОВРЕМЕНИТЕ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ?


Битола, од секогаш важела за спортски град. Но ако подлабоко се ѕирне во аналите не е тешко да се заклучи дека почнувајќи од боксот, скијањето, ракометот па се до фудбалот вистинските приказни за спортските легенди, олимпијци и учесници на големи меѓународни настани датираат од поодамна. За воља на вистината и во поновата спортска историја ќе блесне по некоја ѕвезда но тоа е далеку од посакуваното.



За разлика од некогаш, денес имаме поголем број спортски клубови и посовремени спортски објекти, а играчкиот производ со мали исклучоци сеуште не е на посакуваното ниво.


Каде се губи континуитетот на битолските таленти, нивната неможност за самодокажување и развивање, што е и причина во голем дел на нивно самооткажување од започнатото?


Дијагнозата на спортските работници кои немаат влакна на јазикот е едноставна. ,,Скаутирањето на талентите во клубовите е нестручно, а тренерското работење не ги исполнува потребните норми“.


Суетата помеѓу нас тренерите не е мала, а желбата за потемелна соработка тешко да дојде на дневен ред. Во минатото тренерските резултати беа на завидно ниво затоа што тоа беа тренери во вистинска смисла.


’’Со исклучок на уште неколку колеги денеска преовладува феноменот делумен тренер – тренер од хоби. Развојот на спортот бара целосна, а не делумна посветеност“ - е ставот на поранешниот тренер на женската репрезентација и актуелен прв човек на РК Феникс АМС Битола.


Исто така тој се залага за концептот на вистинско тренирање, а не по секоја цена собирање на деца само за престиж во поголемо членство. Начинот на селектирањето е еден од најбитните предуслови. Не мал е бројот на талентите кои пропаѓаат и поради економската состојба односно потребата од финансиска поддршка од родителите. Состојба на која треба да обратат внимание и оние што ги распоредуваат средствата (на кого и колку). Понекогаш негативен може да биде и факторот родител, но за тоа е пишувано во претходните текстови.


Состојби и еден мал сет аномалии кои со надминување на суетите и попрофесионален пристап можат да се решаваат и да одат во прилог на сегашните и идните таленти.


СТЕВЧЕ МИТРЕВСКИ

178 views

© 2019 by ASK Feniks AMS

Ignjat Atanasovski 17 - Vero 4, lokal 3, 7000 Bitola, Macedonia

  • ASK Feniks AMS - Twitter
  • Feniks AMS-LinkedIn
  • Feniks AMS - Facebook