Search
  • АСК Феникс АМС

Потреба од практикување на редовна физичка активност во услови на ограничувања заради COVID-19

Актуалната опасност од COVID-19 е водечки светски здравствен проблем. На 03.01.2020 Светската Здавствена Организација (СЗО) објави дека заболувањето предизвикано од коронавирусот претставува опасност број еден по јавното здравје во светот. Вирусот веќе е распространет низ целиот свет, а бројот на новодијагностицирани секојдневно се зголемува.



Во моментот не постои вакцина или конкретен лек кој го уништува вирусот. До сега се објавени околу 100 различни истражувања кои се однесуваат на ширењето и превенцијата од ова заболување, но некои од клучните прашања кои се однесуваат на причините, механизмите на пренос, инкубациониот период и опциите за ефикасен третман на заболувањето, сеуште остануваат неодговорени. Постојано пристигнуваат извештаи за недоволен број на медицински персонал или недоволен капацитет на здравствените установи.


Заради опасноста од неконтролирано ширење на коронавирусот, постојано се испраќаат препораки и предупредувања за седење дома. Истовремено голем број од земјите прогласуваат вонредна состојба и дури изолираат и одредени области, настојувајќи да го спречат преносот со директен контакт помеѓу пошироката популација.

За жал, актуелните ограничувања се крајно неповолни во однос на практикувањето на редовна физичка активност и спортски тренинзи. Тоа веќе сериозно го пореметува секојдневното функционирање на милиони активни спортисти и спортски рекреативци.


Додека запирањето на ширењето на корона вирусот е итен јавен здравствен приоритет, постојат повеќе препораки за тоа како да се одржува одредено ниво на редовна физичка активност. Останувањето дома што во случајот е сигурносна мерка, може ненамерно да услови негативни здравствени консеквенци заради недостатоткот на физичка активност. Пролонгираното останување дома, најверојатно ќе придонесе кон седентарно однесување, како што е поминувањето на премногу време во седење или лежење (гледање телевизија, играње видео игри, користење на мобилни уреди...), што всушност се активности кои придонесуваат кон влошување на различни хронични состојби.


Заради тоа, постои реална здравствена потреба од физичка активност во домашни услови, а во насока на одржување на фунцијата на имуниот систем на човекот, во актуелните услови на живеење.


Физичката активност во домашни услови со употреба на различни сигурни, едноставни и лесно применливи вежби, е препорачлив начин за одржување на посакуваното фитнес ниво, во услови на принудно седење дома. Таквите форми на физичка активност вклучуваат, но не се ограничени на вежби за сила, рамнотежа, истегнувања и комбинации од сите нив. Одењето низ дома или до продавница, качување по скали, преуредување на оставата, различни типови на клекнувања, склекови, користење на столица како помошно средство и т.н., се само дел од вежбите кои секојдневно може и треба да ги практикувате. Ова се всушност вежби за чиешто изведување не се потреби посебни реквизити или многу простор и може да бидат изведувани во секое време.


Официјалните мерки за ограничување на движењето на луѓето во услови на присуство на коронавирусот, не значат ограничување на физичката активност. Јасно е дека физичката активност придонесува кон одржување и подобрување на здравјето, всушност некаква активност е подобра од никаква активност. Во вакви услови на живеење, целта кај рекреативците треба да биде умерена физичка активност во времетраење од барем 30 минути дневно и интензивна физичка активнот од 20 минути секој втор ден. Кај активните спортисти физичката активност во овие услови би требало да биде барем два пати подолга и со секојдневна комбинација на вежби со различен интензитет. Хронично болните и постарите, неопходно е да побараат совет од лекар пред да се впуштат во практикување на физичка активност.


Со оглед на загриженоста од ширењето на коронавирусот, неопходно е да бидат почитувани сигурносните препораки и забрани. Седењето дома е фундаментален чекор кој може да го ограничи неконтролираното ширење на инфекцијата. Но пролонгираното седење дома може да доведе до неактивен начин на живот и опасност од развој на анксиозност и депресија кај сите луѓе и секако загуба на стекнатите физички резерви и способности кај спортистите. Одржувањето на редовна физичка активност во домашни услови е важна стратегија за здрав начин на живот за време на кризата од коронавирусот.


Николче Костовски

186 views

© 2019 by ASK Feniks AMS

Ignjat Atanasovski 17 - Vero 4, lokal 3, 7000 Bitola, Macedonia

  • ASK Feniks AMS - Twitter
  • Feniks AMS-LinkedIn
  • Feniks AMS - Facebook