Search
  • АСК Феникс АМС

Почеток

Вистинското богатство на еден клуб, е масовноста и квалитетот на младинските школи и огромниот број на дечиња кои би требало да ги има во своите редови. Секој клуб во кој нема правилна организираност и поставеност на работата со младите категории е по дефиниција осуден на крај, ваков или онаков, порано или подоцна, но крај си е крај. Неминовност е масовноста и беспрекорната организираност на школите за најмладите (цицибани, пионери или како и да бидат наречени) во рамките на клубот. Задоволството кое дечињата го доживуваат во прегратките и закрилата на клубот е благодет која за мошне кратко време повеќекратно се враќа и суштински го збогатува клубот. Секој што бил извесен период со тие малечки спортски виртуози, сосема сум сигурен дека видел и научил многу.


Вистинскиот испит за правилната организациона поставеност на клубот е во функционирањето на младите категории. Недоволната посветеност на работата и функционирањето на младинските екипи е безусловно знак на немање на визија и потполно неразбирање на суштината на спортот и спортскиот опстанок. Поставеноста на структурите на клубот само како сервис на првата екипа е краткогледост и спортско самоубиство. Ретко кој во светот е доволно моќен и богат за да купува екипа. Вистинскиот и единствено исправен пат е да се создаде тим.



А како се создава тим?


Дали треба да се чекаат грешки и невнимание на останатите (кои и сега и во иднина кај правилно организираните клубови е скоро незамисливо да се случат), или можеби виша сила, или пак треба да се засукаат ракавите и да се создаде стручна организациско - финансиска основа за развој на младинските екипи како основ за развој на клубот во целина? Кога велам стручност, мислам не исклучиво на носители на називи и дипломи кои неретко многу и не разбираат, туку на оние луѓе кои се вистински спремни да дадат дел од себе во оформувањето на вистинскиот спортски великан. Тоа не значи дека образованието е ништовно, напротив тоа е еден од основните услови, но самото по себе не е безусловно и апсолутно.



Познати се голем број на методи и начини на работа со млади спортисти и јас не би сакал сега да измислувам топла вода и да разложувам и објаснувам различни пракси и теории, сосема доволно е да се каже дека треба како апсолут на се и пред се во организирањето на работата во клубот да се постави работењето со младите категории.

За среќа, во светот има многу паметни луѓе кои организирале огромен број на официјални и неофицијални натпреварувања за млади категории на спортисти fenikscup.com.


Императив на секој сериозен клуб треба да биде обезбедување на учество на своите младински екипи на што е можно поголем број натпреварувања. И секогаш треба да се има на ум дека никогаш не се доволно натпревари. Неопходно е да им се овозможи на младинските тимови да се натпреваруваат, да се дружат, да напредуваат.


Непрекинатите стручни лекарски прегледи е сосема сигурно дека ќе го покажат вистинскиот и правилен пат за развој на играчите. Непосредната и постојана соработка на медицинскиот и стручниот тренерски тим е задолжителна. Велам тренерски тим. Помина времето на Александар Македонски, Наполеон, Цезар и т.н., сакам да кажам дека никој не е толку совршен да би можел сам да раководи, креира, контролира, казнува, наградува, организира и што ли уште не , а што е неопходно за непрекинат напредок на младите играчи.


Оформувањето на тренерски тимови за работа со млади играчи, е во непосреден интерес на секоја спортска организација. Особено е важно да се направи диференцијација во речиси се`, помеѓу сениорските и младинските екипи. Мора да им се овозможи на младите играчи да се` самоистакнат, да им се даде можност да се оформат со свои оригинални карактерни и спортски особини, да бидат оригинали, а не копии и сенки на некој и некаде. Тоа е во интерес на спортската организација, тоа ќе ги полни спортските сали, тимовите со нови и нови и нови потенцијални спортски великани, па на крај тоа сигурно ќе ги наполни и сметките во банка.


Можеби сакате да дознаете повеќе...


Николче Костовски

49 views

© 2019 by ASK Feniks AMS

Ignjat Atanasovski 17 - Vero 4, lokal 3, 7000 Bitola, Macedonia

  • ASK Feniks AMS - Twitter
  • Feniks AMS-LinkedIn
  • Feniks AMS - Facebook