Ракометниот клуб ФЕНИКС АМС Битола, постои во континуитет од 1998 година. Ретки, ако не и непостојат спортски колективи кај нас, кои задржале ваков континуитет.
Една од спецификите по кои е познат овој спортски колектив е обезбедување на што е можно поголем број на натпревари за ракометарите и ракометарките во клубот.
Без натревари тренажниот процес сам по себе не е доволен.
Кај нас во државата постои организиран натреварувачки циклус во повеќе категории, почнувајќи од најмлади до сениорски. Но вкупниот број на натревари на годишно ниво за младите ракометари / ракометарки е минорен. Само за илустрација, во пионерската лига една екипа во една година има не повеќе од 10 натревари. Препораките од различни ракометни центри ширум светот се во насока на 100 натпревари годишно за постигнување на врвни резултати, кон кои РК Феникс АМС Битола секогаш тежнее.
Пред повеќе од еден месец, на еден наш спортски портал беше објавено интервју со селекторот Данило Брестовац каде одговараше на прашања од новинарот Ричи Ѓjамовски. На дел од одговорите на селекторот (болдирани во текстот) би сакал да дадам краток осврт, а поврзан со активностите на РК Феникс АМС Битола.
Новинарско прашање:
После ЕП следуваше и кадетски ракомет и настапот на Медитернаските игри. Тоа беше разочарувачки настап? Одговор на селекторот Данило Брестовац:
Имам контра парашање. Ова беа 17 Медитерански игри за кадети. Каде бевме ние на претходните 16? Јас навистина преземам и ризик и обврска, но се борам за да направиме нешто, а излегува дека си ставам трн во здрава нога. И со сениорите и со кадетите. Можев и јас, како претходни селектори, да кажам дека не ми требаат контролни натпревари. Наместо тоа ние си вадевме душа и пред ЕП во Србија, Романија и Словенија. Можев и за кадетите да кажам не ни требаат Медитерански игри и до следните натпревари, до април ќе си бевме мирни - капата на страна. Но, иако знаев дека не сме 100 % спремни, сепак, отидовме во Атина. Тоа се 9 натпревари за 5 дена... Кажете ми кога овие деца одиграле таков ритам?[1] Сите мислиме дека сме подобри од тоа што го одигравме, но на што е базирано тоа мислење? Кажете ми дали со своите клубови биле на турнир во свои категории надвор од Македонија?[2] Со потценување зборуваме за одредени репрезентации, а не гледаме за нас. Со кого се споредуваме, со кого сме играле освен во кадетска и младинска лига за да знаеме дали сме добри или лоши? Да изброиме колку меѓународни натпревари имале овие генерации минатата година, колку во 2018, во 2015, а колку претходно[3]... Има периоди во кои ние не сме ни имале вакви репрезентации. Еве и Србија која го имаше Стефан Додиќ од Металург, Матеа Додиќ од Металопластика и Александар Цениќ од Барса не освои медал на Медитерански игри.
Коментар од РК Феникс АМС Битола:
Иако селекторот зборува за машки ракомет (каде состојбите се многу подобри во споредба со женскиот), вреди да се спомене активноста на ракометарките на РК Феникс АМС Битола на меѓународен план. Во клубската историја, забележано е учество на повеќе од 50 меѓународни турнири.
1. Ракометарките на РК Феникс АМС Битола, на пример во 2019 година играа и по три натревари на ден, на 27 Еурофест одржан во Копер, Словенија.
2. Ракометарките на РК Феникс АМС Битола само во 2019 година имаат учества на 4 меѓународни турнири.
3. Ракометарките на РК Феникс АМС Битола само во 2019 година одиграле меѓународни натревари со: HC Tartan од Словачка, HC Frederikshavn од Данска, HC Tatabanya од Унгарија, HC Doubs Comm од Франција, HC Arena од Хрватска, HC Jindrichuv Hradec од Чешка, HC ESSA од Франција, РК Будучност од Црна Гора, HC Zeta од Црна Гора, HC Podgorica од Црна Гора, HC Izvidjach од Босна и Херцеговина, HC Craiova од Романија. Треба да се напомене дека одигран е и меѓународен натревар и со кадетската репрезентација на Црна Гора.
Новинарско прашање:
Што им треба на младите генерации? Имате ли визија? Одговор на селекторот Данило Брестовац: Можам да кажам дека со поддршка од РФМ тргнуваме на вистинскиот пат. Формирани се селекции од пионери до Б репрезентација. Добиваме ЕХФ Шампионати, имавме СП, се трудиме. Но, не може тоа веднаш. Не можат да се прескокнат чекори. Постојано слушам дека не може еден селектор да е на сите репрезентации, но не е така. Селектори на младите категории се Никола Матлиески, Кристијан Грчевски, Раде Стојановиќ. Тоа се тренери во Супер лига. И тоа тренери на екипи од Супер лига што играат во плеј оф! Не сум само јас селектор. Тука се и уште и Благоја Весиќ, Кире Атанасовски, Александар Царчев... Се координираме, анализираме, тоа е еден добар тренерски тим. Важно е да се приклучат и клубовите. РФМ има добар турнир што е на пат да прерасне во традиционален и да привлекува многу попознати и поквалитетни репрезентации овде. Меѓународен турнир има и Илинден, КЛ7 организираше еден со четири екипи, а и понекој и од нашите клубови ќе отиде до Србија.[4] Сакаме појасна слика за силата на нашите млади играчи? Треба повеќе клубови да одат на младински турнири и тоа во држави каде што вистински се игра ракомет.[5] Сега со ваучерите, ќе можат да си дозволат. Не е мерило играњето во домашно првенство во младинска и кадетска лига каде натпреварите завршуваат со 15 гола разлика.
Коментар од РК Феникс АМС Битола:
4. Ракометниот клуб Феникс АМС Битола е организатор на единствениот меѓународен женски турнир за млади категории во државата Феникс Куп Битола (www.fenikscup.com). Оваа година Феникс Куп 2020 Битола ќе вклучи и пионери како учесници и сигурно ќе биде најголемиот меѓународен турнир за млади категории на ракометари/ки во државата.
5. Сите тимови на РК Феникс АМС Битола во 2020 година ќе учествуваат на најмалку 4 меѓународни турнири. Секако за издвојување се најголемите ракометни турнири за млади категории во светот, Partille Cup и Lundaspelen на кои учествуваат и по повеќе од 20 000 учесници, на кој досега РК Феникс АМС Битола учествувал повеќе пати како единствен претставник на нашиот ракомет.
Целиот погоре споменат осврт има за цел да потенцира колку се важни натреварите за младите категории на ракометари / ракометарки, особено квалитетни и организирани на високо ниво.
Проф.Др. Роберто Пашиќ
Comments