Спортот поминал и сеуште поминува преку перманентни промени. Спортската игра денес, е далеку покомплексна во однос на она што значеше спортска игра пред дваесет години, или дури и од пред десет години. Таа е со поголеми побарувања како за играчите, така и за тренерите и менаџерите. Ова во никој случај не би требало да биде интерпретирано во смисла дека тренерите и играчите работат повеќе од порано, туку дека тие мора да работат на поразвиени и поразлични фази од спортската игра. Од друга страна, никогаш до сега тренерските тимови не биле толку големи и со толку многу специјализирани членови.
Постојат повеќе причини за евидентниот напредок во спортската игра, меѓутоа се поголемата употреба на современата технологија во тренинзите, подготвувањето и водењето на натпреварите, перманентното продолжување на времето на тренирање, се поголемата инволвираност на медицината во подготвувањето на спортистите и се поголемата специјализираност во секој сегмент од спортската игра, а и особено важно, се покомплексната и поквалитетна организираност на спортските организации, се секако водечки причинители за промените и напредокот во спортската игра.
Зошто е потребен Скаутингот за правилно функционирање на спортските организации?
Не дека скаутингот е до току неопходен, колку што квалитетниот скаутинг овозможува конкурентска предност и речиси загарантирана успешност во работењето на спортската организација, значи скаутингот е многу повеќе корисен, во однос на неговата неопходност. Впрочем голем е бројот на спортски организации кои функционираат без скаутинг. Колку успешно функционираат тие организации? Тоа е веќе друго прашање, меѓутоа одговорот е очигледен, тие всушност и не функционираат. Постојат значителен број на индикатори кои упатуваат на потребата од скаутингот за успешно функционирање на спортските организации. Во овој случај, за полесно разбирање, артикулирањето на потребата од скаутингот е направена со следните неколку индикатори:
1. Менаџерот не може сам да направи објективна дијагноза – постојат три причини заради кои би требало да се очекува дека менаџерот нема да биде во можност сам да направи објективна дијагноза:
- Професионална заслепеност
- Страв од губење на работата (давање на нереално високи проценки за квалитетот на тимот, и за очекувањата во однос на резултатите кои би требало да се постигнат)
- Незнаење односно недоволна стручност
2.Реално и прецизно утврдување на потребите – ова е всушност директно насочено кон зачувување на ресурсите на организацијата. Субјективните проценки и побарувања кои често може да бидат и без основа, со помош на скаутингот можат да бидат споредени со објективните реални потреби. Ова овозможува минимизирање на влијанието на можниот анимозитет или обидот за ангажирање на талент повеќе од она што е навистина неопходно потребно, а најчесто заради недоволна стручност.
3.Идентификување што и како да се подобри – Без разлика дали нешто функционира добро или пак недоволно добро, секогаш има простор и можност за подобрување. Впрочем ништо не е толку добро за да неможе да биде подобро. Во таа насока е и перманенетниот ангажман на скаутингот за изнаоѓање на секогаш нови и квалитетни решенија и нивно споредување со актуелните решенија во спортската организација. Никако не е исклучена и можноста од креирање на сопствено решение за одредени проблеми, базирано врз знаењето, искуството и информациите со кои располага скаутингот. И тоа се однесува на делот како нешто да се подобри? Уште поважен момент е дефинирањето на што е она што треба да се подобри? Тоа во секој случај значи заштита од непотребни трошоци и ангажмани во насока на за некој конкретен проблем небитни промени. На пример ако со скаутинг анализите се утврди дека секој или најголемиот дел од играчите во однос на перформансот на тренинг и натпревар се на задоволително високо ниво, а сепак резултатите се незадоволителни и се проследени со значителен број на повреди, тогаш и без направена анализа на работењето на тренерскиот тим, може да се лоцира одговорноста во работењето на токму тој тим, всушност очигледно е дека проблемот се наоѓа таму. Па во случајов користејќи ги перформанс извештаите за играчите е доволно да се утврди што е она што треба да се промени и е излишно да се оди во понатамошни непотребни анализи. Всушност ова е едноставен пример за ефикасноста и ефективноста на скаутингот.
4.Рационалност – Скаутинг анализите овозможуваат спознавање на тоа што е добро, а што е лошо или недоволно добро во спортската организација. Имањето на ваквите информации овозможува насочување на вниманието во насока на она што во дадениот момент е потребно да се направи за да би се постигнала саканата цел. На пример, прецизното дефинирање на позитивните и негативните страни во играта на една екипа, овозможува дополнителен ангажман во насока на корегирање на утврдените недостатоци и поттикнување на успешното работење во позитивниот сегмент од играта. Особено корисна е скаутинг анализата на позитивните и негативните страни од играта на противничките екипи кои се предмет на интерес за определен период. Имајќи ги тие информации, овозможено е искористување на недостатоците и неутрализирање на предностите на противничката екипа.
5.Потреба од заедничка работа на сите нивоа (секој сегмент) во организацијата – и најдобро направените скаутинг извештаи и анализи, се безвредни доколку не бидат правилно и целосно имплементирани. Во таа насока е и потребата од заедничкото работење на сите нивоа во клубот. Постоењето на суети и недоверба (што е редовна појава кај непрофесионалните и некомпетентни членови на спортските организации) се значителна пречка во правилното функционирање на скаутинг процесот и работењето на спортската организација во целина. На пример доколку тренерскиот тим или некој од тренерскиот тим не сака да ја земе во предвид скаутинг анализата, заради недоволна стучност или заради суетност, неуспехот можеби во дадениот момент нема да биде воочлив, меѓутоа долгорочно, неизбежно ќе предизвика значителни проблеми, кои понатаму ќе мора да бидат решавани преку дополнителни интерни и екстерни скаутинг анализи што во секој случај ќе претставува значително буџетско оптеретување.
Меѓутоа правилниот перформанс скаутинг за даден случај може уште веднаш да утврди или да воспостави основано сомневање за евентуално саботирање и неприменувње на добиените податоци од скаутинг анализите. Во секој случај, споделувањето на знаењето, активната соработка и градењето на систем на колективно знаење, се есенцијално потребни за успешно функционирање на која и да е организација, па во таа смисла и спортска организација. Во таа насока, постојат ефикасни методи на анализирање на работењето на сите нивоа во која и да е организација, што е всушност и суштината на интерниот скаутинг.
6.Навремено утврдување и дефинирање на проблем – навременото дијагностицирање на проблемите, било да се тоа од субјективна или објективна природа, е особено значаен сегмент во работењето на организациите. Всушност тоа може да ја создаде разликата помеѓу останувањето и заминувањето на критичниот талент, тоа ја прави разликата помеѓу победувањетио и губењето на даден натпревар, тоа ја прави разликата помеѓу имањето и немањето на квалитени спонзори, на крај тоа ја прави разликата помеѓу доброто и лошото работење на организациите. Всушност тое е разликата помеѓу имањето и немањето на имплементиран скаутинг процес…
Николче Костовски
Comentarios