Search
  • АСК Феникс АМС

Спортска периодизација

Во последните неколку години изразот периодизација направи вистински бум во колективните спортови. Па така многу луѓе го користат тој израз, но вистината е дека многу малку од нив ја знаат неговата суштина. Постојат многу интерпретации за тоа што значи периодизацијата во спортот и како таа може да се искористи во развојот на младите спортисти.

Максимизирање на ефектите од тренингот

Пред се, терминот периодизација се однесува на планирање. Што и кога планираш да направиш. Ова планирање на тренинзите е важно за да се извлече (постигне) максимумот од секој тренинг. За време на тренинзите, кај играчите често се акумулира замор, како логичен исход од напорната работа. А заморот како појава е во ред, се додека играчот или неговиот организам е способен да се ослободи од истиот за време на паузата помеѓу тренинзите. Во спротивно, спортистот ќе го започне наредниот тренинг со акумулиран замор, кај некого помалку, кај некого повеќе. Сето ова ќе има негативен ефект на квалитетот на секој нареден тренинг на играчите. Поради тоа, тренерите треба да бидат едуцирани за принципите на периодизацијата во спортот, за да може секој од нив да го извлече максимумот од секоја тренинг сесија, без притоа да ги компромитира наредните тренинзи во циклусот кој следува.


Периодизацијата не е фитнес тренинг!

За многу луѓе поимот периодизација во спортот претставува асоцијација за фитнес и покрај тоа што постои друг израз за него. Спортската периодизација всушност претставува периодизација на сите активности поврзани со конкретната спортска игра, а не само делот кој е задолжен за фитнес тренингот на спортистите. Тоа претставува планирање на тактичките игри, позиционите игри, вежбите за додавање на топката (пас игра), игри со кои се подобрува физичката кондиција на спортистите...

Сето ова, базирано врз принципите на спортската периодизација, за тренерот треба да претставува алатка преку која ќе изврши успешно дозирање и планирање на тренажните циклуси, со цел подигање и задржување на формата на неговиот тим.

Помагало но не и правило

За време на курсевите и обуките кои ги посетуваат тренерите, а се во врска со периодизацијата, тие се запознаваат со примери на периодизација во европските и светските клубови. Но, во реалноста, многу од тренерите немаат идеални услови за работа. Тие треба да се соочат со многу внатрешни и надворешни фактори, односно фактори и услови во кои егзистира тимот кој го тренираат. Заради тоа, имплементацијата на принципите на периодизацијата не секогаш се одвиваат на начинот на кои тие се презентирани за време на курсевите. Некои тренери со тек на време доаѓаат до заклучок дека периодизацијата во нивните клубови едноставно не може да се изведе. Тие тренери не го разбираат значењето на оваа тренерска алатка. Принципите на спортската периодизација не треба да бидат концепт врз кој ќе се базираат тренинзите на тимот. Тоа треба да претставува само помошна алатка преку која ќе се структурира и ќе се балансира содржината на конкретниот тренинг циклус. На крај, независно од приниципите на периодизацијата, секој тренер треба самостојно да го планира и да врши баланс на тренинзите на својот тим.

Постои ли универзална периодизација?

Приниципите на периодизацијата во колективниот спортот помагаат да се структуира програма за тренинг на ниво на тимот. Тие помагаат во внимателното планирање на секој тренинг, ден за ден, недела за недела. Како резултат на тоа, содржината на тренинзите ќе биде заедничка за целиот тим.

Но, сите играчи немаат идентично ниво на подготвеност во одреден момент. Заради тоа, тренерот во зависност од моменталната ситуација во тимот, треба да подготви тренинзи за тие играчи кои доцнат во постигнувањето и одржувањето на формата која се очекува од нив. Тоа значи дека не постои универзална периодизација, туку таа треба да биде прилагодена на тимот која го тренирате и насочена индивидуално кон секој играч, со цел постигнување на посакуваните резултати на тимот.

Периодизација во младинскиот спорт? Да или не....

Во младинските категории, тренинзите за подобрување на физичка издржливост се дозволени само кога играчите ќе достигнат одредена возрасна категорија.

Како што споменав погоре, многу тренери ги поистоветуваат изразите периодизација и физичка подготовка во колективните спортови.

Па, дали и периодизацијата исто како и спроведувањето на тренинзи за физичка подготовка не треба да биде имплементирана се додека децата не достигнат одредена возрасна категорија?

Не, напротив! Бидејќи не станува збор за исти термини, периодизацијата на тренинзите со млади категории и тоа како е потребна, со цел полесно планирање и структуирање на тренинзите на тие категории, а сепак тоа да не биде поврзано со физичката подготвеност.

Марјан Љамчевски

49 views

© 2019 by ASK Feniks AMS

Ignjat Atanasovski 17 - Vero 4, lokal 3, 7000 Bitola, Macedonia

  • ASK Feniks AMS - Twitter
  • Feniks AMS-LinkedIn
  • Feniks AMS - Facebook