top of page
Search
  • Writer's pictureАСК Феникс АМС

Спортски ваучери

Точен назив ,,Средства од даночно ослободување по Законот за данок на добивка“

Со оглед на тоа дека пошироката јавност не е запозната со основите на т.н. спортски ваучер на кратко да објасниме за што станува збор.


Во Законот за Спорт, член 14г, дефинирани се корисниците на средствата од даночно ослободување по Законот за данок на добивка и тоа можат да бидат:

- Национални спортски федерации,

- Спортски клубови,

- Активни индивидуални спортисти,

- Други правни лица кои имаат решение за вршење на дејност Спорт.

Она што е тема од наш интерес е по кои критериуми се доделуваат спортските ваучери на Спортските клубови.

Законот дефинира:

- Број на активни спортисти во клубот,

- Начин на функционирање на клубот (собрание, органи и тела, просторни услови),

- Учество и пласман на клубот во сите категории на националниот систем на натпревари во изминатите две години,

- Учество и пласман на клубот во меѓународниот систем на натпревари во изминатите две години,

- Број на спортисти од клубот во националните селекции од сите возрасти,

- Учество и остварени резултати во меѓународен спортски систем на спортски клубови од националната спортска федерација во последните две години,

- Медиумска покриеност,

- Човечки ресурси во клубот (тренери, лекари, спортски психолози, нутриционисти и друго),

- Материјални услови за функционирање на клубот.

Додека сме уште кај Законот за Спорт, да кажеме дека Законот налага:

- Федерацијата да формира комисија која подготвува предлог листа со која се вреднуваат, верифицираат и рангираат спортските клубови кои ги исполнуваат критериумите согласно Законот,

- Федерацијата е должна најдоцна до 20 Јануари да достави барање за користење на средства од даночно ослободување и предлог листа на спортски клубови до АМС како и истата да ја објави на својата web страница,

- Агенцијата за млади и спорт, преку своја комисија ги прифаќа предлозите или ги одбива.



Хронологија:

- Ракометната федерација на Македонија формираше комисија која имаше задача да ги вреднува, верифицира и рангира спортските клубови,

- Федерацијата во повеќе наврати нагласуваше дека нема улога на оценувач, што се покажа како неточна информација. Комисијата формирана од РФМ ги провери сите апликации, ги бодираше и изврши рангирање,

- Федерацијата не го исполни барањето од Законот со тоа што навремено не ја објави листата на својата web страна, а со тоа го ускрати законското право на секој да поднесе жалба на објавените бодирања.

Бидејќи се работи за јавен конкурс, согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, на барање на спортски клуб, Федерацијата е должна да обезбеди увид во конкретни апликации со цел утврдување на факти.

Што се однесува до составот на комисијата, мора да се напомене дека недозволиво е претставници на клубови членови на комисијата САМИ ДА СИ СЕ ОЦЕНУВААТ (оваа појава како се нарекуваше?).

Од друга страна, формуларот (апликацијата) која спортските клубови ја пополнуваат, треба да претставува систем за бодирање во кој на 8 ставки може да се освојат максимални 285 бодови.

Прво што е нелогично е максималната сума на бодови која е поставена на 285. По логика на нештата, бодирањето во апликации се поставува на максимум од најчесто 100 бодови, па секој апликант лесно може да увиди процентуално што заслужува неговата апликација и каде и колку треба да се подобрува.


На примерот на еден од клубовите, ќе се обидеме пластично да ги отсликаме неправилностите.


Првото барање во апликацијата на кое можат да се освојат максимални 10 бодови е Човечки ресурси (администрација, тренери, лекари, спортски психолози и физиотерапевти). Анализираниот клуб исполнува 4 од 5те условите и согласно поуката треба да освои 8 бодови (не е пополнета само ставката каде се бара број на ангажирани спортски психолози што е реална состојба во анализираниот клуб).


Второто барање се однесува на активни членови на клубот, каде анализираниот клуб исполнува услов за добивање на 10 бодови. Ако клубот има над 250 членови може да освои максимални 30 бодови.


Третото барање се однесува на настапите на клубот во националниот систем на натпреварувања во сите категории. Анализираниот клуб треба да освои 20 бодови бидејќи има учество во две категории.


Четвртото барање се однесува на учество на клубот на меѓународен систем на натреварувања во сениорска конкуренција. Анализираниот клуб нема ваква ставка и тука не освојува бодови.


Петтото барање се однесува на рангирање на клубот на официјални листи во сениорска конкуренција во европска/светска ранг листа, регионална ранг листа и национална ранг листа во сениорска конкуренција. Анализираниот клуб нема ваква ставка и тука не осовјува бодови.


Шестото барање се однесува на составот на играчите, ако клубот има 100% домашни играчи освојува максимални 50 бодови. Анализираниот клуб има 100% домашни играчи и овде освојува 50 бодови.


Седмото барање се однесува на медиумска застапеност на клубот. Анализираниот клуб има максимална застапеност во медиумите, со сигурност повеќе и од најголемиот број на клубови во Македонија, па и тука освојува 10 бодови.


Осмото барање се однесува на имањето на играчи во клубот кои се членови на репрезентации во сите категории. Анализираниот клуб има застапеност со повеќе од 5 репрезентативки сумарно во сите категории и за тоа треба да освои 35 бодови.


СУМАТА НА ЗАСЛУЖЕНИТЕ БОДОВИ НА КЛУБОТ ЗЕМЕН ВО АНАЛИЗАТА Е 133.

КОМИСИЈАТА ФОРМИРАНА ВО РФМ ЗА БОДИРАЊЕ (во која патем има претставник и од битолскиот женски ракомет, во јавноста познат како „истакнат“ спортски работник) ВЕРИФИКАЦИЈА И РАНГИРАЊЕ НА АНАЛИЗИРАНИОТ КЛУБ МУ ДОДЕЛИ 58 БОДОВИ.


Комисијата на клубот апликант му скрати 75 бодови без можност за поднесување на жалба (ускратена со прекршување на одредбите во Законот за Спорт).


Бидејќи ова се случи кај голем број на клубови, најголем дел од нив (18 ракометни клубови) организирано испратија приговори до Федерацијата барајќи објаснувања, после што Федерацијата закажа состанок со преставници на клубовите и АМС.

Во прилог на ова, можете да ја погледнете споредбената анализа на доделените ваучери од воведувањето на мерката до сега.



По поднесените приговори од страна на 18 клубови незадоволни од респределбата, Ракометната федерација на Македонија на 18.02 организираше средба на претставници на клубовите, претставници на РФМ и Агенцијата за млади и спорт.

На средбата беше констатирано дека место за решавање на настанатите проблеми и пропусти е Ракометната федерација на Македонија, која патем спротивно за Законот на спорт не ја објави предлог листата во предвиден рок (поточно не ја објави листата се до моментот на приговор од клубовите) со што го ускрати правото на секој од клубовите да поднесе приговор.

Со оваа постапка РФМ кршејќи ги одредбите на Законот за спорт ги ускрати клубовите од можност да побараат ревизија на работењето на членовите на комисијата формирана од РФМ за бодирање, верификација и рангирање.


Секој кој барем малку ја следи работата на клубовите во Женската Супер лига и ги познава приликите во клубовите „од авион“ може да забележи како одредени клубови се привилегирани при распределбата на ваучерите.


Дали тоа РФМ присилно сака да го скрати бројот на клубови во женска конкуренција?


Особено оштетени се клубовите кои играат Плејаут во оваа полусезона.


Она што најповеќе привлекува внимание се ваучерите доделени на РК Ѓорче Петров кој освои 140 бодови и 1.400.000,00 денари и ЖРК Пелистер 2012 со 120 бодови и 900.000,00 денари.


Екипата на РК Ѓорче Петров во 2020 година не е ни рангирана за ваучер, за да во 2022 ги „собори сите рекорди“. Екипата на ЖРК Пелистер 2012 ја имаше најлошата натпреварувачка сезона во историјата на клубот во минатата година.

Па, имајќи го во предвид составот на Комисијата лесно може да се извлече заклучот како горе споменатите клубови стигнаа до овие бодови.


Барањето број 6 од апликацијата (број на домашни играчи) кое носи 50 бодови ако екипата е составена исклучиво од домашни играчи, земена е во предвид кај горе споменатите два клуба, додека кај останатите тоа е игнорирано. Внесувани се лажни податоци за број на членови на клубот (без Договори за ангажман), број на репрезентативки...


Мешањето на политиката во спортот е погубна работа која кај нас наместо да атенуира таа добива на интензитет. Личните интереси на поединци се причина за систематско уништување на македонскиот женски ракомет. Чувајќи ја метрополата од губењето на влијанието во женскиот ракомет, го доведе истиот на ниво на кое е сега. И сето ова се компензира со организации на меѓународни настани во женски ракомет за да се одвлече вниманието дека никаков бараж женската репрезентација на Македонија не може да помине.


Доколку се продолжи со ваквото работење (а назнаки за промени не се гледаат) следуваат лоши денови за македонскиот женски ракомет.

Кога се добива поддршка за спорт во облик на ДРЖАВНИ ПАРИ, МОРА ДА СЛЕДУВА ПРОВЕРКА НА ТРОШЕЊЕТО.

Секој клуб е должен да дава отчет за трошењето на државните пари. Ова може да биде поттик до надлежните институции на системот (Финансиска полиција, Државна комисија за спречување на корупција...) да ги проверат клубовите на кој начин ги трошат државните пари.


Охрабрува што постојат спортски новинари, вистински професионалци (кои не должат ништо никому, па имаат слобода да пишуваат.






И Државна комисија за спречување на корупција покажа интерес за ова што се случи со ваучерите во 2022 година.



Но, паразитите во спортот седат на страна чекајќи „да слегне“ прашината, знаејќи дека во Македонија секое чудо е за 3 дена. Ќе се случи нова глупост која ќе ја потисне претходната – НАЈГОЛЕМА ЖРТВА ЌЕ БИДЕ МАКЕДОНСКИОТ ЖЕНСКИ РАКОМЕТ !


Роберто Пашиќ

213 views0 comments

Comments


bottom of page