Често наидуваме на реклами за продукти во кои се тврди дека ја стимулираат работата на имунолошкиот систем, со што помагаат во надминувањето на настинките и грипот. Но, дали нешто што е содржано во шишенце, без разлика дали е витамин или пробиотик, може навистина да овозможи стимулирање на имунолошкиот систем и зачувување на здравјето?
За жал, реалноста е дека ваквите продукти не овозможуваат некаква вистинска придобивка. Не постојат докази дека тие помагаат во борбата против болестите.
За да се разбере зошто, мора да знаете како работи имунолошкиот систем. Самата идеја за стимулирање на работата на имунолошкиот систем е погрешна.
Имунолошкиот систем е особено добро избалансиран. Постои взаемна поврзаност помеѓу имунолошкиот систем кој е ефикасен во лимитирањето на способноста на бактериите, вирусите и паразитите да предизвикаат заболување и хиперактивниот имунолошки систем кој може да предизвика проблеми како што се алергиите, дијабетот и другите автоинфламаторни и автоимуни заболувања.
Тоа значи дека ако навистина постои опција за стимулирање на имунолошкиот систем, тогаш тоа ќе значи истовремено поттикнување на автоимуните и други слични проблеми.
Но што е содржано во тие шишенца?
Продуктите за кои се тврди дека го стимулираат и поддржуваат имунолошкиот систем, вообичаено спаѓаат во неколку категории: витамини, витамински производи и пробиотици.
Постои одредена точност во идејата дека витамините можат да го помогнат имунитетот. Витамините може да помогнат во совладувањето на болестите и другите здравствени проблеми, но само кај луѓето кои се значително неисхранети, односно неправилно се хранат. Па заради тоа, витамините кај најголемиот дел од луѓето ќе имаат многу мало влијание во обезбедувањето на вашето здравје.
Кога пак се зботува за пробиотиците, постои исто така делумна точност во идејата дека дека бактериите и организмите кои живеат во нашиот дигестивен систем, можат да имаат позитивна улога во одржувањето на нашето здравје.
Постојат голем број на актуелни истражувања кои се обидуваат да докажат како овие пријателски организми кои живеат во и на нас, придонесуваат во одржувањето на нашето здравје и како може да биде нарушена имунолошката функција. Еден ден многу прецизно ќе се знае како може да се спречи одредено заболување со модифицирање на различните микрооганизми кои живеат во нас, она што се нарекува микробиом.
Најверојатно за десетина години ќе бидеме свесни како конкретни микроби се вклучени во одредени заболувања. Но, денес нема доволно разбирање за комплексната корелација помеѓу телото и микробиомот, за да би можеле ефикасно да користиме одредени суплементи во насока на корегирање на одредени проблеми.
Тоа најверојатно ќе се промени, но во меѓувреме, треба да бидеме скептични за спротивните тврдења.
Како да останеме здрави
Значи ако не можете да го помогнете работењето на имунолошкиот систем со пиење на некаква таблета, што е она што можете да го направите за да ја намалите опасноста од заболување?
Разликата помеѓу луѓето кои ретко се разболуваат и оние кои често се болни, содржана е многу повеќе во навиките одколку функционирањето на имунолошкиот систем. Еве неколку совети кои може да бидат од корист:
Мијте ги вашите раце. Иако некои микроби се пренесуваат преку воздух, многу почесто заболувањата се пренесуваат откако ќе допрете некоја контаминирана површина. Најчесто микробите преминуваат од вашите раце на очите, носот или устата, па заради тоа добро е да се обране внимание на тоа колу често го допирате вашето лице.
Одржувајте го вашето тело. Практикувањето на избалансирана исхрана („Основни принципи на исхрана и правиланисхрана на спортисти“), редовната физичка активност и доволното спиење, може да придонесат во непреченото функционирање на вашето тело и вашиот имунолошки систем.
Контролирајте го стресот. Истражувањата покажаа дека високото ниво на стрес влијае негативно на имунолошкиот систем. Значи, секогаш кога е можно, обидете се да бидете свесни за нивото на стресот и настојувајте да го контролирате интензитетот на истиот.
Вакцинирајте се. Вакцинирањето против грипот и другите заболувања го стимулира имунолошкиот систем во насока на спречување на појава на заболувања. Вакцините го учат имунолошкиот систем да ги препознае специфичните патогени и да стартува одбрамбена реакција доколку дојдеме во контакт со нив.
Заклучокот е дека освен вакцините, всушност и не постои нешто што можете да го направите за да го подобрите функционирањето на имунолошкиот систем. Значи покрај избалансираната исхрана, редовната физичка активност, доволното спиење и разумната хигиена, пиењето на суплементи и слични „стимулатори“ на имунолошкиот систем е смешно.
Иако најверојатно ваквите суплементи нема да ви наштетат, најверојатно многу попаметно ќе ги потрошите вашите пари ако ги искористите за подобра перница, добар ручек, адреналинско патување или нешто слично.
Николче Костовски
Comments