-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
„Родителите чии деца одбрале да се занимаваат со некој моментално атрактивен спорт треба да се информираат за условите во кои се работи, клубски простории, традиција и историја на клубот, тренери кои работат, едукација, издавачка дејност, какви резултати постигнале во минатото во работата со млади категории, активност на клубот со млади категории на меѓународен план, организација на настани со директна вклученост на младите категории, соработка на клубот на различни нивоа...“
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Како да се одбере спорт за сопственото дете?
Често поставувано прашање, по „морето“ натписи во врска со улогата и значењето на спортот во развојот на децата, особено по „заразата“ која најмногу ги зафати младите – социјални медиуми, мобилни телефони.
Најчест одговор на спортските психолози е овозможување на што е можно поголемо учество на детето во различни спортски активности како самото би се пронашло во одреден спорт. Многу често изборот се сведува на тоа да детето го одбере оној спорт со кој се занимаваат најголем дел од неговите школски другари, пријатели, комшии...
Колективен или индивидуален спорт?
Изборот најмногу зависи од типот на личноста на детето. Друштвени деца, кои сакаат соработка, работа во групи/екипи, најдобро ќе функционира во некој колективен спорт. Од друга страна пак постојат деца кои немаат потреба од соработка, деца кои сакаат сами да влијаат на резултатот. Такво дете не дозволува некој друг да ја „упропасти“ играта бидејќи тоа се труди а другото не. За нив најдобар избор е некој индивидуален спорт.
Доколку не постојат услови за посетување на универзални спортски активности каде се работат елементи на различни спортови, се препорачува проба во повеќе спортови.
Кога детето треба да се вклучи во спорт?
Психофизичкото созревање на секое дете е индивидуално така да универзално време за почеток на занимавање со спорт не постои. Праксата покажува дека децата најчесто почнуваат со некој спорт на возраст од шест до десет години. Во секој случај детето треба да почне да се занимава со спорт кога ќе искаже желба за тоа.
Без притисоци!
Многу е важно родителот да ја почитува желбата на детето, постојано да го охрабрува и да му ја препушти конечната одлука. Добар совет за родителите е да со децата заедно проследат повеќе натпревари во живо од различни спортови, па да се разговара за тоа дали некој од спортовите посебно му се допаѓа и дали би сакал/сакала да се занимава токму со тој спорт.
Се случува на одредени деца да им е тешко да се вклопат во некоја спортска средина, бидејќи карактерно се повлечени и на почеток тој спорт не им се допаѓа. Не треба одма да се откажува. Родителот треба да се договори со детето некоја спортска активност да се посетува два или три месеци па потоа детето да донесе одлука дали би продолжило или не.
Родителите често бираат спорт за своето дете спрема некоја своја заинтересираност, неретко неостварени амбиции, материјална исплатливост која се очекува, популарност на одреден спорт...
Прашајте го вашето дете со кој спорт сака да се заминава, ова прашање ги решава најголем дел од идните проблеми. Но имајте на ум за децата од помала возраст дека ги карактеризира ниско ниво на внимание - ограничено и по обем и по траење, слаба концентрација, недостаток на конкретно мислење. Докажано е дека деца помали од 8 години, кои учествуваат во тимски игри и спортови, често се несвесни што останатите соиграчи прават – единствено се заинтересирани за топката и самите себе. Кога деца од оваа возраст се вклучат во натпревари, особено неусогласени со нивната возраст или лошо водени (по модел на спортот за возрасни), изложени се на висок притисок да победуваат и нереални очекувања, стални проценки од родителите или врсниците – стануваат фрустрирани, им се намалува самодовербата, чувство на безвредност. Ова сигурно води кон губење на интерес и напуштање на избраниот спорт. Дури на возраст од 11 или 12 години, децата можат зрело да го сфатат натпреварувачкиот процес, да ги разбираат туѓите ставови, својата улога и групната перспектива.
Што нуди нашето опкружување?
Кај нас децата на возраст од осум до десет години најчесто почнуваат да се занимаваат со спорт. Колективните спортови се многу поатрактивни од индивидуалните. Актрактивноста на некој спорт во смисла на моментални резултати најчесто е причината за почеток со занимавање токму со тој спорт. Кај нас клубовите кои постигнале добри резултати во сениорски конкуренции (со ангажирање на играчки и тренерски кадар од надвор) не се подготвени да се занимаваат со млади категории – импровизираат нанесувајќи непоправлива штета кон потенцијалните таленти во одреден спорт.
Случајно (или намерно) ќе ги прокоментирам случувањата во женските колективни спортови кај нас (ракомет, одбојка, фудбал):
Женската ракометна репрезентација: одамна не сме ги „помирисале“ европските или светските првенства. Луѓето кои ја водат репрезентацијата самите изјавуваат дека не се задоволни од резултатите, но се продолжува по старо. Селекторот во 2018 изјави „патот е трнлив, но со напорна работа и 24/7 ракомет можеме до европско и светско“. И НИШТО. Што се однесува до клубскиот женски ракомет, нашата супер лига е посебна приказна, со исклучок на две-три екипи останатото е навистина слабо.
Женската одбојкарска репрезентација: Последен пат учествуваше на квалификации за светско првенство 2010/11 кога ги загуби сите натпревари. Оттогаш ни трага ни глас од нив, особено ако се има во предвид што прави женската одбојка во соседството иако истите тие во 2010 година беа рамо до рамо со нашите. Клубската одбојка исто така посебна приказна, исклучок на две – три екипи со поозбилна организација (кога велам поозбилна организација мислам на наши услови), другите подпросечни.
Женската фудбалска репрезентација: Освен победата над Казахстан минатата година, во квалификацискиот цуклус за европско првенство, без светли точки. Клубскиот фудбал не е за коментирање.
Сепак предност во изборот би дал на женскиот ракомет. Како причина за тоа ќе посочам да се погледнат клубовите во кои како поединци настапуваат сениорските репрезентативки во гореспоменатите спортови. Тука ракометот дефинитивно е во преден план. Големо влијание во развојот на дел од сега најдобрите македонски ракометарки имаше и ракометна школа во Битола со континуитет во работењето од 1998 година, ретко кој спортски колектив може да се пофали со ваков континуитет.
Родителите чии деца одбрале да се занимаваат со некој моментално атрактивен спорт треба да се информираат за условите во кои се работи, клубски простории, традиција и историја на клубот, тренери кои работат, едукација, издавачка дејност, какви резултати постигнале во минатото во работата со млади категории, активност на клубот со млади категории на меѓународен план, организација на настани со директна вклученост на младите категории, соработка на клубот на различни нивоа.
Тоа се информации кои треба да се знаат при изборот на клубот/спортот во кој би го вклучиле вашето дете.
Др. Роберто Пашиќ
Comments