top of page
Search
  • Writer's pictureАСК Феникс АМС

За едно убаво неиспиено кафе на „Тумбе-кафе“

Пред да започне карантинов едно детуле, додека си чекаше на ред за обука и тренинг, се туфкаше, се мислеше и на крај, ме праша: „Што е тоа Досие Којот?“


Му велам, „Па, знаеш (а не знае)... видувања на разни случувања... позитивни, негативни...“ Во мометот кога му го фатив бледиот поглед и кога баш мислев да ја викнам менторката да си го преземе, тоа ме запрепастува:


„Па нема позитивно“, со малку уплашен израз, кој знае зошто.


Толку за ова и браво за малиот, во право беше, ако сакаме да задржиме некоја објективност или барем илузија за неа.


Сакав да пишувам „Кај по ѓаволите е кафето на ’Тумбе-кафе’? Ок, и да не сме премногу паметни, ќе претпоставиме дека порано, некогаш, таму се пиело кафе, ознаката го заменила означеното и така натаму и така наваму, името си останало, кафето претекло.... и небулозни глупости сакав да изнатрескам...“. И искрено се извинувам за сите работи кои не ги напишав.



Сега, вака сакам да речам: За „Тумбе-кафе“, не знам многу. Еден мој многу драг човек од нашиот Феникс, ми кажа дека порано, ова место било симбол на ексклузивен ориентален хедонизам во најпозитивна смисла на тој збор, излетнички Рај кадешто агите и беговите во еден специфичен lifestyle (тогаш просто наречен лезет), под дебели дабови сенки дегустирале бира и кафе со локум. Потоа овие уживателски навики ги презела градската буржоазија особено една поткатегорија т.н. бекрии како своевиден afterparty низ звуците на танго и валцери.


И што е особено важно, нормално, за мене, знам дека кога бев таму, почувствував дека е едно од најубавите места во Битола. Зошто? Појма немам, или ете, зашто ЈАС така викам. Затоа што има приказна што ми е убава без да биде раскажана, колку и да изгледа невозможно.


Затоа што Чувството е прекрасно и без зборови, и без приказна. Поисклиширана реченица од оваа немаше и да сакам да смислам, но само таа ја опишува состојбата на беспричинска и бесцелна, инстант-радост. Кога го сакате бројот 8 зашто е број 8 и поради ништо повеќе, кога ја сакате мелодијата што ви влетува случајно, а не сте мортус натрескани.... и кога... многу, многу нешта поради самите нешта. Нешто како лартпурлартизам, ама во животна смисла.


Ете, така некако јас се чувствував тие триесетина минути на „Тумбе-кафе“... бев вљубена во сите ситници од микро и макроуниверзумот, убедена дека сум ја доживеала состојбата на душевна празнина. Ама...


...ама, како на секој човек со тикови кога ќе посака нешто што го нема (eве, за промена се обвинувам себеси, не отсуството на услугата), ми се припи кафе... со кафето ми се ми се потседнуваше... , ама немаше слободна клупа... на клупата ми се оставаше чантата зашто ме болеше рамото и вратот... Ме болеше рамото и вратот, ама клупата немаше потпирач – а и немаше ни слободна клупа.


И баш си помислив (повторно, за промена избегнувам секаква непотребна нафураност и претенциозност), кооолку би било финичко да се испие едно кафе на „Тумбе-кафе“. Баш онака, лезетски да се отседне некое време и да му се даде легитимитет на она убаво чувство.


Битолчани (бизнисмени, џаболебари, кафеџии, локумари, лопатари, црвени, плави, обични и необични граѓани), љубезно ве прашувам, дали мислите дека има изгледи да се направи нешто околу ова?


Локум части Феникс.


Васе, Васе, ајде да бегаме!

Ако пари немаме, барем љубов имаме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Пари ќе спечалиме, куќа ќе направиме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Куќа ќе направиме со дванајсет одаи,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Co дванајсет одаи, со тринајсет пенџери,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Низ Битола шетавме, Тумбе Кафе седевме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Тумбе Кафе седефме, локум шеќер јадевме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Локум шеќер јадевме, пресна бира пиевме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

А на излегвајне немавме да платиме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Немавме да платиме, рем палто оставивме,

Васе, Васе, ајде да бегаме!

Ако пари немаме, барем љубов имаме!

Васе, Васе, ајде да бегаме!

.

Песната е преземена од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА

Народни песни во кои се спомнува Битола,

собрал, предговор и речник напишал

проф. Филип Каваев

Издадена: Битола, Октомври 1969 год.

Со љубов,

Скопјанка од Феникс

52 views0 comments

Recent Posts

See All
bottom of page