top of page
Search
  • Writer's pictureАСК Феникс АМС

Тенгала

Updated: Feb 11, 2020

Лавовите живеат во крдо, тие се силни, на врвот на синџирот на исхрана, но дали се тие фалбаџии.

Дали кога лавот ќе улови антилопа, игра победнички танц?

Не, лавовите се фраери. Јадат, се лижат, ќе направат неколку кругови и одат во високата трева за да си завршат работа.

Старите грци имале збор за фалбаџиите „Хубрис“.

Тоа означува претераната гордост која води единствено кон пад.

Зборот е толку стар што потекнува од времето кога грците имале со што да се пофалат. Демократијата и Олимписките игри на пример. Денес грците потпекуваат сирење и им должат милијарди на Германците.


Но, кој ми беше муабетот, а да, можете ли да се сетите на пример за Хубрис во спортот?

Тоа е всушност глобален проблем кој ја рефлектира незрелоста и карактерната мизерија на дел од родителите во спортот.


Заради тоа Данската асоцијација на спортски психолози пристапила особено сериозно кон дефинирарање на овој проблем и извлекла заклучоци кои што можеби ќе ви овозможат една поинаква перспектива на огледалната рефлексија.



Вклученоста на родителите во спортската кариера на децата може да се претстави на скала која се движи од недоволна вклученост или потполна невклученост, преку умерена или оптимална до претерана.


Оваа скала следена со опис на типично однесување на родителите може да послужи како средство кое ќе ви помогне да ја процените сопствената вклученост во спортскиот живот на вашите деца и да избегнете однесување и постапки кои често водат до профил на т.н. проблематичен родител (Хубрис?).


1. Незаинтересирани родители

Потполно отсутни од спортскиот живот на децата и активностите во тимот. Не доаѓаат на состаноци и не ги интересира напредокот на детето, заради тоа што тие детето го испраќаат „барем малку да трчка“. Најчесто го препуштаат детето на тренерот, тој да се грижи за него, бидејќи тие немаат волја, трпение или време. Големи се шансите да спортското искуство на овие деца, на овој начин втурнати во спортот, биде напорно и стресно, а добрите страни на спортската активност да се сведат на минимум.


2. Неинформирани родители

Спаѓаат во т.н. недоволно вклучени родители. Тие ги вклучуваат своите деца во спортот, плаќаат членарина и купуваат опрема. Меѓутоа тука нивната улога завршува, бидејќи престануваат да се интересираат за понатамошниот спортски живот на децата, не доаѓаат на натпревари, не бараат информации од тренерот и не разговараат со децата за нивните спортски искуства. Причина за ова не е само незаинтересираност, туку неразбирање на сопствената улога и одговорност, како и потребата од поддршка на своето дете. Овие родители често стојат на страна за да не влезат во зона на притисок, стрес и нереални амбиции и на тој начин ја „упропастат“ спортската кариера на своето дете. Од страв дека со своето вклучување ќе го намалат уживањето на детето во спортот, едноставно одлучуваат да не се вклучат.


3. Раздразливи родители

На почеток раздразливите родители не го покажуваат своето вистинско лице. Даваат поддршка, не се мешаат во тренажниот процес, доаѓаат на тренинзи и натпревари. Но, нивната главна мана е што лесно се возбудуваат, губат контрола и занесени во играта и желбата за голови, започнуваат да се дерат, напаѓајќи ги другите играчи, судиите и тренерите. По натпреварот истите се потиштени, исто како и нивните деца, заради тоа што преемотивно го доживуваат секој момент од натпреварот, верувајќи дека на тој начин даваат успешен придонес кон позитивен исход на натпреварот.


4. Фатални (Фанатични) родители

Основна карактеристика на овие родители е желбата нивното дете да биде спортски херој или хероина. Некои од нив имале успешна спортска кариера, некои неуспешна, некои никогаш не се занимавале со спорт освен кога за време на училишен натпревар шутнале еднаш или два пати на гол.

Тоа се всушност безскрупулозни луѓе кои перфидно се мешаат во тренажниот процес, често дури и занемарувајќи го здравјето на сопственото дете.

Обично секогаш го намалуваат учинокот на другите деца во тимот и нивното дете мора да биде во фокусот на настаните.

Иако изгледаат задоволни по некоја добра акција на своето дете, скоро секогаш се претерано критични и никогаш задоволни.

Идентификацијата со сопственото дете е природна, но претераната идентификација е патолошка и доведува до тоа да некои родители во потполност го превземаат спортскиот живот на своето дете, поточно почнуваат да го живеат својот живот, преку спортскиот живот на своето дете. Заради тоа, успехот или неуспехот на сопственото дете го доживуваат како сопствен успех или неуспех.

Фанатичните родители носат преголем ризик за долготрајниот развој на младите спортисти. Тие вршат преголем притисок врз детето и околината. Нивните амбиции врзани за кариерата најчесто се нереални и со високи очекувања.

Интензивниот притисок кој го вршат врз детето се гледа на лицето на детето и во самата спортска игра. Овие деца многу често, прерано ја прекинуваат својата кариера.

Децата на фанатичните родители очекуваат долготрајни критики, совети и казни. Најчесто овие деца лошо спијат, неправилно се хранат (се разбира според препораките на своите родители, па неретко се преоптеретени со суплементи), пред натпревар се напнати, несигурни и уплашени. Во текот на натпреварот ваквите деца често гледаат кон трибините кон родителите, после секој добар шут или лош потег.

Фанатичните родители често се мешаат и во тренерската работа, ги критикуваат тренерите, делат совети како да се води натпревар, даваат сугестии на играчите пред и за време на напревар, како тренерот да не е присутен на натпреварот. Често го „оговараат“ тренерот, ја коментираат тактиката, минутажата на своето дете, погрешно избраната позиција, вниманието кое тренерот го покажува кон детето и сл.

Секогаш се незадоволни од тренерот, убедени дека тие тоа многу подобро би го направиле/извеле. Таквите родители ја пренагласуваат победата или резултатот кои за нив се мерило за успешност на нивното дете, па постојано на социјалните мрежи ќе сретнете фотографии и постови со кои тие го величаат она што го сметаат за успех.

Всушност овие родители забораваат дека детето не треба да се занимава со спорт заради нивната неспособност и неостварени соништа, туку заради тоа што детето има сопствена желба за игра, натпреварување, забава и уживање во спортот.


5. Оптимална вклученост

Ваша примарна улога во спортската кариера на вашето дете е да обезбедите емоционална, финансиска (плаќање на членарина, опрема, патувања) и провизорна поддршка (услови за живеење, храна, облека, превоз...).


Поддршката од родителите вклучува помош за справување со ефектите од победата или поразот, развивањето на спортски карактер, разбирање на животните лекции научени во и преку спортот, вреднување на трудот, залагањето, лојалноста, кооперативноста, тимските вредности, почитувањето на соиграчите, тренерите, судиите...


Со спортското однесување на тренинзите и натпреварите, прифаќајќи го фактот дека се дојдени да навиваат, учејќи го своето дете да ги почитува правилата, да се почитува тренерот, соиграчот, судијата, охрабрувајќи го секој потег со аплауз, преку покажување на почитување натренерот, другите родители и контрола на сопственото поведение, како родители може да ја олесните работата на стручниот тим , а на вашето дете да му овозможите посигурна и подолготрајна спортска кариера.


Родителите мора да ги остават тренерите да ја работаат својата работа. Запомнете дека статистички е докажано дека малку деца поседуваат способност за врвни резултати. Заради тоа бидете реални во очекувањата, поддржувајте го занимавањето со спорт на вашето дете, пред се заради уживање, забава, правилен раст и развој и подготовка за живот.


Сигурно се прашувате, зошто насловот на текстов е „Тенгала“ или што би рекле скопјани „зашо маче сељак“?


Е па во Скопје постојат поинакви изрази, кои се различни и во останатиот дел на Македонија, но во Битола, луѓето кои покажуваат особена бесчуствителност, себичност, преголема потреба за фалење, некоректност, нелојалност и изразено незнаење кое самите за себе си го толкуваат како особена мудрост и сериозна предност пред другите, се нарекуваат „Тенгала“ или „Тркала“.


Комплексен опис кој и не може да биде поинаков со оглед на содржината на истиот. Нормално е дека не би требало да се биде „Тенгало“ или „Хубрис“целиот живот, заради што тоа е лесно воочлив синдром кој на крајот неминовно води до пораз.

За почеток, добро би било нешто да се научи, нешто да се прочита, еве на пример може да го прочитате текстов уште еднаш.


Николче Костовски

93 views0 comments

Recent Posts

See All
bottom of page